5 Ентериер Дизајн Трендови За 2025 Година

Vertex Design со години наназад успешно ги следи најновите трендови во ентериер и екстериер дизајн. И додека наскоро можете да очекувате прекрасни новитети во областа изучувањето на екстериерот (нови интересни обуки за екстериер и AI), за сега да се фокусираме на тоа што е ново од ентериерот и внатрешното уредување.

Vertex Design Препорачува: Топ 5 Трендови за 2025

Трендовите во внатрешниот дизајн константно се менуваат и еволуираат. Тоа е сосема нормално, бидејќи сите ние константно се менуваме заедно со нив. Градовите во кои живееме еволуираат, маалата во кои израснавме не се истите од детсвото, а и становите и куќите се менуваат исто така.

Архитектонските трендови за 2025 година одразуваат поодржлив, технолошки и функционален дизајн. Како што градовите растат и се соочуваат со нови предизвици, архитектурата еволуира за да создаде попогодни, поефикасни простори за живеење во хармонија со животната средина. Интеграцијата на вештачката интелигенција во дизајнот, си го прави своето се разбира, но кога станува збор за трендовите, овие 5 се наш избор за трендови кои ќе ја одбележат 2025-та.

  1. Quiet Luxury или „Тивок луксуз“

 Поимот „Тивок луксуз“ го имаше во изобилие во култната серија Succession. Тој подоцна се преточи во модната индустрија која одеднаш стана опседната со суптилната софистицираност на богатите, за во 2025-та година да дојде во ентериерот. „Тивкиот луксуз“ е повеќе од само тренд. Тој е поборник за квалитет наспроти квантитет. „Тивкиот луксуз“ сака безвременски текстури и класичен дизајн. „Тивкиот луксуз не вика. Тој шепоти елеганција“.

  • Одржливи и отпорни материјали

Главното прашање во 2025-та година наместо „Што изгледа добро“ е префрлено на „Што ќе трае“? А одговорот на тоа е одржливи и отпорни материјали. Направен од глина, камен или плута, дизајнот во 2025-та е издржлив, енергетски ефикасен и рециклиран. Други материјали, како бамбус и рециклирано дрво, нудат слични придобивки во финалниот продукт. Успешно ја комбинирааат убавината со еколошката свест за да го креираат еден од најбараните трендови на оваа година.

  • Карирани шаблони

Карираните дезени се враќаат во светот на дизајнот на голема врата. Може да и се заблагодарите на 2025-та што го врати овој тренд, бидејќи е насекаде. Смелиот графички стил може да се пронајде низ низ различни елементи. Од тапети и килими до тапацир за мебел и подови. Разновидноста на овие дезени ги прави идеални и за минималистички и за максималистички простори. Карираните шаблони внесуваат безвременски шарм на просторот со модерен пресврт на истиот.

  • Смели дизајни

Да, покрај суптилниот шарм на „тивкиот луксуз“ на голема врата се вратија и смелите дизајни. Без разлика дали е тоа во контекст на бојата, дизајнот, текстурата или материјалот „go-big-or-go-home“ менталитетот е присутен и во трендовите за 2025-та. Дали е тепих со смела текстура во центарот на собата или тапет со тропски мотиви во трпезаријата, смелиот дизајн е повторно „ин“.

  • Ретро дизајн

Арт Деко ваза или мебел инспириран од 70-те? Зошто да не и двете? Да, ретро дизајнот повторно го пронајде своето „место под сонцето“. Зошто да не внесете малку носталгија во вашиот дизајн? Слободно изберете и измешајте ги инспирациите во вашиот ентериер. Измешајте ги стиловите, декадите и дезените. Не се фокусирајте само на модернизам или пак на минимализам. Животот е премногу краток за тоа. Миксот од минатото ќе влее нов дух во вашиот дом, а носталгијата која го носи, душевен мир.